Бизнис
15. April 2019 - 16:28

Фондот за иновации започна со враќање на средствата од одделните грантови

Фондот за иновации веќе почна да враќа дел од парите инвестирани во иновативни проекти на фирмите. До сега институцијата инкасирала околу 40.000 евра. Имено, за периодот од 2015 до 2018 година, целосно се реализирале проекти на околу 35 компании со вкупна инвестициска вредност од околу 1 милиони евра. Две третини од тие фирми почнале да остваруваат приходи како резултат на иновацијата за која што добиле финансиска поддршка и веќе враќаат пари во Фондот.

“Според анализите компаниите финансирани во минатиот период од 2015 година наваму остваруваат во просек 50% повисоки приходи од периодот пред да почнат со ваков тип на инвестирање. Добивката им расте по 60% во просек на годишно ниво во однос на периодот пред да вложат во развој на иновации и технолошки развој, што е добар индикатор за успешност”, вели Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Според новите правила секоја компанија кофинансирана од Фондот има обврска да враќа по 5% од остварените приходи по реализацијата на иновативниот проект за кој што добиле пари. Обврската за враќање трае 5 години, а износот не треба да надмине 120% од добиената финансиска помош. Целта е Фондот да обезбеди сопствен буџет за реинвестирање и да не е целосно зависен од државата.

Во тек е нов јавен повик за кој што интерес до сега покажале над 800 компании. Огласот е отворен до 15 мај, а може да аплицираат микро, мали и средни фирми, како и старт ап компании.

Според бизнис секторот, кога станува збор за иновации кај компаниите од земјава постои значаен простор за подобрување.

“Предизвиците за освојување нови пазари, како и предизвиците за исполнување на очекувањата и барањата на потрошувачите, кои што се менуваат во согласност со светските трендови, од компаниите бараат постојано да воведуваат иновации во нисните производи, услугите што ги нудат, односно во целиот процес на производство, вклучувајќи ја дистрибуцијата и понудата која што стигнува до крајните потрошувачи”, вели Татјана Штерјова, Стопанска комора на Македонија.

Фондот заедно со Светска банка заклучно со последниов повик располага со портфолио од 22 милиони евра, а до сега финансирани се 235 компании.