Бизнис
12. October 2018 - 20:41

Фондот за иновации ќе внимава на кого дели грантови

Фондот за иновации работи на системско решение за да се елиминира конфликтот на интереси при доделување на финансиска помош за фирмите апликанти. По завршувањето на секој јавен повик прво ќе се спроведува протоколот за проценка на ризик, а дури потоа Комитетот ќе одлучува за одобрување на инвестициите.

“Во моментов работиме на еден посебен протокол, односно упатство, како дел од едно системско решение, што ќе овозможи да се справуваме со такви ризици и сега и во иднина. Комитетот сèуште не одлучувал по четирите апликации каде што имаме носител на јавна функција во дел од сопственичката структура. Веќе во наредните денови ќе излеземе со презентација на овој протокол за проценка на ризик, што ќе го искористиме и за овие 4 компании, но и за сите наредни ситуации со кои што може да се соочиме понатаму”, изјави Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Освен четирите спорни апликации во рамки на првиот повик, за сите останати фирми процесот за доделување финансиска помош веќе е завршен. Од Фондот за иновации очекуваат со ребалансот Владата да им стави на располагање дополнителни пари за да го реализираат и вториот јавен повик. Но, подготвуваат и нови повици за помош на фирмите со пари од Светска банка.

“Сметам дека во наредните неколку недели ќе излеземе со првиот следен повик, кој што ни е согласно програмата за работа, а тоа е повикот за старт ап компании. Вкупниот пакет на средства што ги имаме на располагање до крајот на годинава е некаде околу 3,5 милиони евра”, изјави Деспотовски.

Фондот за иновации лансираше и нова иницијатива “Петок за млади”, наменета за основците и средношколците. Целта е да се поттикнат најмладите преку креативни идеи да наоѓаат решенија за различните проблеми со кои што се соочуваат во секојдневието.