Бизнис
9. јуни 2019 - 16:29

Фондот за иновации бара начин за зголемување на Фондот за поддршка на повеќе компании

Фондот за иновации упорно бара пари за да ја пополни дупката во буџетот. Според директорот Деспотовски, важно е се најдат пари за да се поддржат компаниите. На фондот му фалат 65 милиони евра. Скоро 500 компании од државата бараат финансиска помош од 70 милиони евра. Но, во буџетот на Фондот предвидени се само 5 милиони, и уште толку за конкурсот кој треба да се распише во септември.

Дали ќе биде пренамена на средства од некои програми што помалку се реализираат и за кои не е потребен ребаланс, или ќе се случи заедно со ребалансот... Јас не знам дали ќе се случи ребалансот. Меѓутоа, како и да е, нас ни се потребни тие средства. Тоа економијата го покажува. Очигледно има голема потреба за свеж капитал, има добри и квалитетни проекти, фирмите имаат доверба во процедурите кои Фондот ги реализира. Дали тоа ќе биде со ребаланс или со пренамена од други програми? На крајот на краиштата тоа е навистина неважно за економијата. За економијата важно е колку ќе потпишеме и колку ќе потрошиме во проектите, вели директорот Јован Деспотовски.

Сепак, дури и Фондот да ги обезбеди потребните 70 милиони евра, колку што бараат компаниите, нема сите да бидат поддржани. Пари ќе добијат само најдобрите проекти.

Според Деспотовски, приватниот сектор треба да се стимулира бидејќи токму тој е важен за раст на економијата. А, резултатите се гледаат во официјалните бројки на статистика за првиот квартал, кои покажуваат дека Бруто домашниот производ за четири месеци пораснал за 4,1 отсто.

34 основни и средни училишта денеска добија награди од Фондот. Тие со своите проекти учествуваа на вториот повик за „Предизвик за млади истражувачи“. Конкурирале околу 100 ученички проекти од повеќе области, па поради големиот обем на квалитетни проекти, одлучиле наградниот фонд да се зголеми од 2,5 милиони на шест милиони денари. Просечниот износ за поддршка е околу 200.000 денари, а максималниот е 300.000 денари.