Бизнис
10. December 2015 - 12:30

Фондацијата „Тиквешки вински пат“ оствари соработка со Албанија и Грција

Фондацијата “Тиквешки вински пат” од Кавадарци оствари соработка со институции од сферата на туризмот во  Албанија и Грција. Во подготовка е заеднички проект на трите држави преку ИПА 2 програмата на Европската Унија која е валидна од 2014 до 2020 година. За ова денеска информираше Виолета Јанкова, директор на Фондацијата. Таа кажа дека проектот на кој работат трите страни, а има за цел промоција и развој на туризмот, е вреден околу еден милион евра.

- Фондацијата “Тиквешки вински пат”, исто така,  потпиша договор за соработка со Италијанско-македонската комора со која што во 2016 година ќе имаме  заедничка промоција на активностите на претпријатија од двете држави. Заеднички ќе организираме  меѓусебни средби и ќе се работи на заеднички проекти за промоција и развој на туризмот, изјави Јанкова.

Фондацијата подготвува и два нови проекта за македонско-грчка прекугранична соработка од ИПА-2 програмата,  а кои се однесуваат на развој на инфраструктурата и едукацијата кои се неопходни за понатамошен развој на туризмот. Проектите се во вредност од околу 500 илјади евра.