Живот
28. July 2016 - 9:13

Фока се вдомила во тоалет на гробишта во Австралија

Една жена се „извадила од памет“ кога во тоалетот на локалните гробишта во градот Девенпорт на австралискиот остров Тасманија, наишла на фока што спиела во една од Ве-Це кабините.

Како што јавија австралиските медиуми, во целиот случај уште поголемо изненадување е фактот што 120 килограми тешка фока е пронајдена на половина километри оддалеченост од најблиската водна површина.

- Мислевме дека станува збор за шега кога ни кажаа. Многу е необично да се најде фока толку далеку на копното. Постојат мали потоци на околу половина километри од тоа место, но фоката сепак морала да помине долг пат и неколку огради за да дојде до гробиштата, изјави претставничката на локалната полиција Карин Мур.

Претставници на локалната комунална служба организирале транспорт на фоката до блиската плажа и ја пуштиле во водата.

Биологот Рејчел Алдерман за радиото Еј-Би-Си изјави дека австралиските фоки често се појавуваат на бреговите на Тасманија.

- Досега ги наоѓавме низ цела Тасманија. Во дворовите, во заградени простори..., а сега на тој список можеме да дададеме и тоалети на гробишта, изјави таа.