Македонија
19. September 2018 - 15:19

Флекенштајн: Референдумот е прозорец што ретко се отвора

Референдумот е прозорец што ретко се отвора и треба да го искористите. Зависи од раководствата во Македонија и Грција, но најмногу зависи од вас што ќе одлучите, порача германскиот европратеник Кнут Флекенштајн на дебатата на тема „European Values for Macedonian Future“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, што денеска се одржа на Правниот факултет Јустинијан Први.

- Не можам да ви кажам дали референдумот е вистински чекор или не. Имате само неколку моменти да одлучите за најголемата можност што ви се нуди. Не ме разочарувајте. Ако ја испуштите оваа шанса ќе чекате десетици години. Нема да ви кажам што да правите, но барам да не ја испуштате оваа можност. Размислете што ќе се случи ако во Грција има избори и победи Нова демократија, им рече Флекенштајн на присутните на дебатата.

Чекавте, нагласи, 27 години и да сум на ваше место не би прфатил ризик.

- Верувам дека Западен Балкан припаѓа на Европската унија, а не само географски во Европа. Тоа не е така заради аспирациите на Русија или Турција, туку  заради демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата која е во интерес на сите. Влегувањето во овој клуб не е во интерес само на вас, туку и за нас заради бизнисот што сакаме да го правиме со вас. За претприемачите е многу битно да владеат исти закони секаде за бизнисот да биде предвидлив и да нема бирократија. А, и на обичниот народ не му е битно кога ќе почнат преговорите, туку кога ќе почне да му се подобрува животот. Затоа треба да му дадеме тоа што му треба, рече Флекенштајн.

Нагласи дека и ЕУ треба да се промени и да ги смени правилата доколку сака да ја развие Унијата.

- Ако ние во Брисел не ја направиме нашата домашна работа не ви препорачувам да станете членка на ЕУ, потенцира Флекенштајн.

Одговарајќи на прашање дали е оптимист дека земјава ќе ги почне преговорите во јуни следната година иако во ЕУ претходно ќе се одржат избори за Европски парламент, германскиот европратеник рече дека смета оти изборите нема да го сменат ставот во Унијата и додаде дека сите партии имаат идентичен став за решавање на проблемот со името.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми посочи дека уште од стекнувањето на независноста главна стратешка цел на Македонија е полноправното членство во Европската унија и НАТО.

- Сега е моментот кога нашата земја е блиску до интеграција во ЕУ и НАТО, рече Адеми и додаде дека ја цени помошта од Унијата и Алијансата што земјава ја добила на секое поле, а особено во сферата на образованието.

Најзначајната придобивка од придружувањето кон ЕУ, потенцира, е прифаќањето на европските вредности, а тоа, како што кажа, води кон сестран развој на државата што може да се согледа од примерите на земјите кои се придружиле на Унијата.

- Не сум тука за да ви кажам да учествувате на престојниот референдум или не и како да гласате. Тука сум бидејќи имам должност да ви ги објаснам бенефитите од придружувањето кон ЕУ и НАТО, им порача Адеми на присутните на дебатата.