Македонија
12. August 2022 - 16:39

Фирмата задолжена за свидетелствата ја организира и прославата на Рамковниот договор

Околу 100.000 евра ќе чини склучениот договор за утрешната прослава по повод 21 годишнина од Рамковниот договор, која ја организира министерството за политички систем. За забавата на гостите ќе се погрижат неколку музички ѕвезди, а за еден пејач од македонската естрада ќе бидат одвоени околу 7.200 евра, додека за настап на македонски бенд ќе бидат издвоени нешто помалку односно, 5.800 евра. Ќе има и ѕвезди и бендови од странство, а за нивниот настап ќе бидат искеширани околу 17.000 евра.

Самиот концепт на прославата ќе чини околу 3.800 евра, а по повод годишнината од реномиран поет ќе биде напишана стихотворба која ќе чини околу 5ипол илјади евра.

Присутните ќе гледаат и спот во времетраење од една минута за тоа што е постигнато со Охридскиот договор, а истиот спот ќе чини нешто над 6.700 евра. За специјалното лого за прославата ќе бидат одвоени околу 1.700 евра.

Изнајмувањето на конференциска сала во ексклузивен хотел ќе биде над 1.000 евра, додека шведска маса и ресторански услуги со алакарт мени ќе чинат по 55 и 65 евра по лице.

Фирмата Арбериа Десигн која го организира настанот, е истата која треба да печати сведителства за учениците, а во последните четири години добила 61 тендер од државата, повеќето од институции со кои раководи ДУИ.

Од министерството за политички систем не ни одговорија конкретно дали сметаат дека е рационално трошење на илјадници евра за прослава  во ек на економска криза, само одговорија дека Рамковниот договор е многу значен за безбедна иднина на Македонија, а за прославата очекуваат да прерасне во традиционален настан налик европските фестивали.

За сите манифестации за одбележување на Охридскиот мировен договор од буџетот на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се одвоени средства во износ од 4.200.000 денари и за реализација на одбележувањето на годишнината е задолжена Агенција.

Вицепремиерот Артан Груби на школата за млади лидери  посочи дека преку организирање на вакви настани подобро се прикажуваат на младите придобивските од Охридскиот договор.

Со реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ- во време на криза ДУИ и СДСМ ќе потрошат илјадници евра за партиска прослава на рамковен договор, а во Тетово нема вода за пиење.

Нема пари за проекти и капитални инвестиции ама за тоа има пари за приватна забава на Ковачевски и Груби.Во време на економска и енергетска криза, каде што илјадници граѓани остануваат без работа или не знаат како да го преживеат месецот власта реши да фрли пари за партиска прослава.- реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Утре во почеток во 21 часот на плоштадот Скендербег ќе се одржи прославата организирана од министерството за политички систем. На нивната официјална страница Фејсбук веќе неколку дена се промовира ова случување кое како што наведуваат има и тенденција да прерасне во традиција.

Досега Антониа Гиговска го откажа нејзиниот настап на прославата бидејќи како што соопшти нејзиниот менаџерски тим не знаел дека има политичка конотација, а денеска и Владо Јаневски иако најавен, преку социјалните мрежи соопшти дека го откажува неговиот настап.