Македонија
28. јуни 2016 - 13:30

Финансиската полиција ја тресе Општина Струмица, под лупа документите за превозот

Службеници на финансиската полиција веќе еден час се во зградата на општина Струмица, дознава Сител од извори на терен.

Според нашите информации, финансиската полиција во моментов обезбедува наредба од Основното јавно обвинителство за гонење кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција за одземање на документација поврзана со криминалните тендери за превоз на ученици во општината раководена од Заев.

Акцијата следи откако деновиве во јавноста беше објавена скандалозна документација според која, општина Струмица плаќа три пати поскапо за превоз во споредба со Токио.

Од општината на Заев ги демантираа ваквите информации но не понудија никаква документација.

Интересно е што Специјалното јавно обвинителство отвори предмет и бараше притвор за битолскиот градоначалник поради наводни злоупотреби на финансиски средства во тендерите за превоз на ученици. Според документите објавени на прес конференциите на пратеникот Васил Пишев, општина Струмица плаќала по неколку пати поскап превоз за учениците, но до овој момент се уште никој не побара кривична одговорност од градоначалникот Заев.