Бизнис
11. April 2020 - 14:39

Финансиска помош од 176 милиони евра одобри меѓународниот монетарен фонд

Земјава ќе добие кредит од Меѓународниот монетарен фонд во висина од околу 176,5 милиони евра. Парите се обезбедени преку Инструментот за брзо финансирање на ММФ со каматна стапка од 1,05% и рок на отплата од пет години. Оваа финансиска поддршка треба да помогне за ублажување на негативните ефекти од кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

„Економските изгледи на Северна Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс”, изјави, Тао Џанг, заменик извршен директор и вршител на должноста претседател на Извршниот одбор на ММФ.

Гувернерката на Народната Банка смета дека помошта од ММФ е исклучително значајна, како за спроведување на фискалните мерки, така и за обезбедување на натамошен раст на девизниот потенцијал, односно за зголемување на нивото на девизни резерви.

„На овој начин се создава поголем простор за спроведување релаксирана монетарна политика и за обезбедување на олеснети финансиски услови за кредитирање на погодените компании и граѓани”, изјави Анита Ангелоска Бежовска, гувернерка на Народната Банка.

Според Министерството за финансии, одобрената сума е двојно поголема од очекуваното.

„Наскоро, во текот на месец мај, се очекуваат да се добијат и други средства за кои преговараме и тоа од Светската Банка и од Европската Унија. Секако, во исто време будно го следиме пазарот на капитал, кој се очекува наскоро да почне да се стабилизира и затоа ќе почнеме и со постапката за издавање на еврообврзница”, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Слично како и прогнозите на ММФ, Институтот за економски истражувања и политики “Фајнанс Тинк” за годинава проектира дека Македонија ќе забележи економски пад од -3,8%. Според нив, економската активност значајно почна да забавува по две главни основи: затварањето на фирмите, главно во угостителско-хотелиерскиот сектор и трговијата, како и намалувањето на обемот на производство. А, раздвижувањето на економијата ќе зависи од тоа колку долго ќе траат мерките од домашните здравствени власти, но и колку долго ќе биде ограничена меѓународната трговија.