Свет
11. January 2018 - 16:10

Финална рунда преговори меѓу Меркел и Шулц

Ангела Меркел и Мартин Шулц, лидерите на двете најголеми партии во Германија денеска го отпочнаа веројатно последниот ден во прелиминарните преговори за формирање на нова широка коалиција.

- Ќе биде ова тежок ден. Се уште има големи пречки што мора да бидат отстранети од патот, изјави Меркел при отпочнувањето на преговорите за коалиција меѓу нејзината Христијанско демомократска партија (ЦДУ), сестринската баварска конзервативна партија Христијанско социјалната партија (ЦСУ) и социјал-демократите на Шулц.

Трите партии преговараа во изминатите пет дена. Утре наутро се очекува лидерите на партиите да ги информираат своите највисоки сопартијци за досегашниот тек на преговорите.

Медиумите добиваат малку информации за главните теми околу кои спорат партиските лидери, а според новинската агенција ДПА бил постигнат одреден напредок по прашањето на климатските промени и носењето на нов закон за мигранти.

Лидерот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) Шулц денеска изјави дека е постигната согласност по повеќе прашања, но го потврди ставот на Меркел дека се уште има големи пречки на патот. Шулц бара Германија да го поддржи планот на францускиот претседател Емануел Макрон за поцврсто обединување европските држави во рамките на Европската унија. Според Шулц, социјал-демократите ќе влезат во уште една коалиција со Меркел само доколку тоа дополнително ја зацврсти Европската унија.

Најголемите германски партии беа во широка коалиција во два од трите мандати на Ангела Меркел. По изборите во септември, кога и конзервативците и социјалдемократите загубија значителен дел од својата поддршка на сметка на националистичката партија АФД и на либерал-демократите, Шулц најави дека СПД ќе ја прекине праксата да коалицира со Меркел и ќе оди во опозиција. Но, откако Меркел не успеа да постигне согласност со либерал-демократите и со Зелената партија за формирање на идната влада, се отвори можноста за уште една широка коалиција.

Евентуален неуспех на преговорите меѓу Меркел и Шулц може да водат до формирање на малцинска влада или пак до нови избори, а во двата случаи се очекува да се отвори прашањето за тоа дали Меркел треба да остане на чело на Германија.

Анкетата на весникот „Ханделсблат“ покажа дека 56 проценти од Германците очекуваат Меркел да се повлече од канцеларската функција пред истекот на четиригодишниот мандат.