Македонија
24. January 2019 - 16:13

Филмска престрелка во Маџари, едно лице повредено

Едно повредено лице и двајца приведени. Ова е билансот од крвавата престрелка која претпладнево се случи во скопската населба Маџари.

На  немилиот настан му претходела бркотница со автомобили низ скопските улици, која завршила со судар, поради поставената заседа.

Крвавата престрелка се случила на улицата Благоја Стефковски во населбата Маџари. Очевидците велат дека најпрво се слушнал силен удар предизвикан од сообраќајката, по што започнала престрелка меѓу лицата кои се возеле во судрените автомобили...

Истрели се слушале неколку минути, по што дел од лицата кои пукале избегале од местото на настанот.

Припадници на МВР веднаш пристигнале на местото каде што се случила жестоката пресметка, и виделе едно рането лице кое неподвижно лежело на улица.

Повредениот веднаш бил префрлен во клиниката за хируршки болести св. Наум Охрдиски, каде лекарите утврдиле дека бил погоден со два куршуми. Едниот завршил во пределот на стомакот, додека другиот останал во десната потколеница и ќе биде опериран, и не се наоѓа во животозагрозувачка состојба.

Според сеуште непотврдени информации, мотивите за престрелката биле нерасчистени семејни односи.