Македонија
8. јуни 2018 - 14:18

Филмот „Златна петорка“ прикажан на фестивалот „Солеј“ во Созопол

Филмот „Златна петорка“ на режисерот Горан Тренчовски синоќа беше прикажан во  киноклубот „Отец Паисиј“ во бугарскиот град Созопол, во рамки на 8. Меѓународен франкофонски фестивал „Солеј“ и како дел од проектот „Поврзување“ на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.
 
Филмот неодамна имаше специјална проекција и на 6. Фестивал на европскиот филм „Златна липа“ во Стара Загора, каде присуствуваше и режисерот Тренчовски како член на меѓународното жири.
 
Како што соопшти продукцијата „Револушн“, на 25 јуни филмот ќе биде прикажан и на Интернационалниот филмски фестивал во Равно Село, основан од познатиот актер Лазар Ристовски, а во август ќе биде прикажан во Локарно. Продолжува и дистрибуцијата на филмот низ градовите во Македонија и од утре ќе се прикажува во Домот на културата во Радовиш.
 
Досега филмот е прикажан на сите континенти, учествувал на 23 фестивали, освоил 10 награди и го виделе над 80 000 гледачи.