Македонија
21. April 2017 - 8:39

Филмот „Ах, љубов моја“ премиерно на Скопскиот филмски фестивал

Филмот „Ах, љубов моја“ во режија и сценарио на Коле Ангеловски вечер премиерно ќе биде прикажан во рамки на Скопскиот филмски фестивал, со почеток во 20.30 часот во киното „Милениум“. 

Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година со 14,3 милиони денари, а завршен е само за две години. Вкупниот буџет на филмот е околу 20 милиони денари.

Режисерот и сценарист Ангеловски информира дека направил сценарио или приказна за љубовта, но гледано од хумористичен аспект. 

- Направивме филм кој е за публика. Публиката ќе сака да го гледа, ќе ужива и ќе биде среќна и задоволна по проекцијата. Во филмот главно играат млади актери, повеќето дебитанти и мислам дека одлично се снаоѓаат пред филмсаката камера, изјави Ангеловски. Информира дека снимале на повеќе локации низ Македонија, во Скопје и во Маврово. 

„Ах, љубов моја“ е љубовна комедија за познатата поп пеачка Сузан, која по успешната турнеја низ Турција и емотивините проблеми предизвикани од раскинувањето на долгогодишната љубовна врска, доаѓа во еден хотел да се одмори во мир и тишина, далеку од јавноста и новинарите. Во хотелот се појавува нејзиниот поранешен љубовник Селпин, кој сака да се збогува со неа.

Филмот е снимен во продукција на Авард Филм и Видео и копродуцентите - Квазар Филм и КТ Филм и Медиа. Продуценти се Горан Стојилковиќ, Димитар Николов и Владимир Стојчевски, а сценограф Илина Ангеловска. Костимографи се Лира Грабул и Раде Василев, музиката е на Венко Серафимов.

Актерската екипја ја сочинуваат Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир и Андон Јовановски. 

Од 27 април филмот ќе биде на редовен репертоар во кината „Cineplexx“ и „Милениум“ и низ кината во Македонија. 

Годинава се очекуваат премиери на уште пет македонски филмови: „Годината на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски, „Жртва“ на Марија Џиџева, „Тајната состојка“ на Ѓорче Ставревски, „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши и „Чекај ме/Сведок“ на Митко Панов. Пред неколку дена почна снимањето на играниот филм „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски и продуцентската куќа „Дрим фактори“, а ќе почнат со снимање филмовите „Здивот на ангелот“ на Јани Бојаџи, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи, „Ако утре го нема сонцето“ на Александар Русјаков, „Господ постои се вика Петрунија“ на Теона Митевска и „Цар Самуил“ на Антонио Митриќески.