Македонија
27. February 2021 - 9:45

Филипче: Здравствените работници покажаа истрајност, професионалност и патриотизам на највисоко ниво

– Министерот за здравство Венко Филипче во видео порака по повод една година од првиот регистриран Ковид случај во земјата вели дека здравствениот ситем покажал дека има знаење и искуство да се носи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја. Тој им се заблагодари на здравствените работници за кои вели дека заслужуваат цела почит и благодарност.

– Во изминатата година докажавме и покажавме дека здравствениот систем има сили, знаење и  искуство да се справи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја на светот. Здравствените работници кои беа на првата линија на борбата против вирусот покажаа истрајност, професионалност и патриотизам на највисоко ниво и токму поради тоа, ја заслужуваат целата почит и благодарност, вели Филипче.

Порача дека набавката на вакцини е најголем предизвик за сите земји во светот а околу 130 земји се уште го немаат почнато процесот на имунизација. Посочува дека се даваат максимални напори да се обезбедат вакцини и убеден е дека многу брзо ќе започне масовната вакцинација.

– Како Влада даваме максимални напори да обезбедиме вакцини што поскоро и доволно за сите граѓани, за што барам трпение и разбирање од сите. Набавката на вакцини во моментов е главен предизвик за сите држави во светот, а 130 земји сеуште немаат почнато со вакцинација. Ние успеавме да ја започнеме вакцинацијата на здравствените работници, а многу брзо ќе ја почнеме и вакцинацијата на сите граѓани, истакнува министерот Филипче.