Македонија
13. October 2021 - 11:29

Филипче за скринингот на учениците: Нема ништо страшно, на децата ќе им се земе обичен брис

На денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче вели дека моделот за скринингот на учениците од основните и средните училишта е готов и утре заедно со Министерството за образование ќе почнат да бараат дозволи од родителите.

-Закаснивме една недела. Требаше да започне скринингот оваа недела, претходна да биде завршен. Меѓутоа, нешто подолго потрае анализата на бројот на учениците во училиштата, основни и средни. Така што, со оглед на тоа што сега е готова методологијата, од утре ќе почнеме да бараме заедно со МОН писмена согласност од родителите согласно методологијата. Јас верувам дека до крајот на оваа, почетокот на следната тоа ќе се обезбеди, за да од следната недела се спроведе скринингот, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Апелираше до родителите да го прифатат скринингот, додавајќи дека нема ништо страшно и оти на децата ќе им се земе обичен брис. Целта е да се открие дали ќе има асимтоматски носители на вирусот меѓу децата.