Македонија
2. October 2020 - 17:07

Филипче за Сител: Деталната анализа на епидемиолошката ситуација ќе покаже дали и какви рестрикции се потребни

Министерот за здравство Венко Филипче за Сител изјави дека по деталната анализа на епидемиолошката ситуација ќе се одлучува за рестриктивни мерки во државава.

- Оваа бројка на новозаразени лица од Ковид-19 е навистина голема во однос на претходните денови. Во консултација со останатите членови на КЗБ одлучено е дека денеска и утре треба да се направи детална анализа на епидемиолошките прашалници во секоја посебна општина и секој град, за да се направи точен увид за начинот на трансмисија на вирусот, а согласно ова ќе се одлучува за тоа дали и какви рестриктивни мерки во која општина ќе треба да се воведат, изјави Венко Филипче за Сител

- Воведувањето на рестриктивни мерки во угостителските објекти ќе бидат во согласност со анализата на епидемиолошките прашалници како и планот за рестрикција за затворање на училишта и градинки. Доколку епидемиолошката ситуација биде стабилна во текот на месец ноември физички ќе бидат присутни и други ученици во други одделенија, додаде министерот за здравство.

КЗБ секојдневно ја следи ситуацијата со коронавирусот по одделни општини и градови. Мерките можат да бидат и таргетирани, се зависи од епидемиолошките податоци  во однос на трансмисијата на вирусот во одделни места во земјава.