Македонија
15. February 2021 - 9:19

Филипче: Во тек се подготовките за вакцинација во Модуларната болница, ќе се работи во две смени

Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил информираше дека во тек се подготовките во Модуларната болница каде од среда треба да започне вакцинацијата против Ковид-19.

– Вакцинацијата ќе се одвива на пет вакцинални позиции, а во тимовите за имунизација има медицински сестри и лекари. Модуларната болница ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, напиша Филипче на Фејсбук.

Првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини на компанијата „Фајзер“ кои се донација од Србија пристигна вчера во земјава. Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.