Македонија
25. јуни 2021 - 20:02

Филипче ветува дека до 15-ти јули ќе бидат вакцинирани сите пријавени за вакцинација

До средината на јули сите 150.000 граѓани кои се пријавиле ќе добијат термин за вакцинација, најави Филипче. Тој информираше дека откако викендот ќе стигнат 600.000 дози, од понеделник за вакцина прво ќе бидат повикани повозрасните и оние со хронични заболувања без разлика кога и да се регистрирале на сајтот, после нив прва доза ќе добијат и помладите кои пројавиле интерес за имунизација.  

Според планот на министертсвото за здравство од 15 –ти наредниот месец вратите на вакциналните пунктови ќе бидат отворени за сите кои сакаат да се заштитат од Ковид 19 и не мора претходно да бидат пријавени.

На располагање се вакцините Фајзер и Синовак, но граѓаните немаат право на избор.

-Вакцините на Фајзер ќе бидат дистрибуирани до осумте големи центри за имунизација поради можноста за чување во фрижидерите, а вакцините на Синовак и во големите и во помалите центри. Сега стигнуваат вакцини за 300.000 граѓани, а ќе се интензивира и кампањата. Го подготвуваме и системот за теренска вакцинација кој ќе почне на 15 јули, вели министерот кој очекува дека ќе се зголемува свеста за имунизација и дека поголем број од граѓаните ќе се вакцинираат, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Вакцините нема да бидат задолжителни ниту за наставниците. Доколку нема интерес кај просветните работници, здравствените власти најавија дека  ќе комуницираат со образование за да им се укаже важноста на имунизацијата за да имаме безбедна учебна година од септември.

-Верувам дека ќе се зголеми свеста не само кај просветните работници туку и кај сите граѓани и вработени во сите институции, изјави Филипче.

Од понеделник наместо по 12.000 во земјава, неделно ќе се испорачуваат помеѓу 70.000 и 100.000 дози Фајзер преку директниот договор со компанијата.