Македонија
21. November 2018 - 13:26

Филипче: Ваква инвестиција во платите на здравствените работници не се случила со години наназад

Направивме многу напори и не само што докторите ќе добијат 10 проценти зголемување на платата од јануари 2019 година, туку и медицинските сестри кои беа планирани за петпроцентно зголемување на платата од септември, сега ќе го добијат од јануари. Ваква инвестиција во платите на здравствените работници не се случила со години наназад. Од годинава се зголемени дневниците за дежурства на докторите и медицинските сестри, се зголемија и платите, а годинава првпат се обезбедени и пари за плати на приватните специјализанти.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека медицинските сестри имаат уште некои дополнителни барања. Нагласи дека имале состаноци и при крајот на минатата недела, за време на викендот, а ќе имаат и и оваа недела.

– За денес и утре се закажани средби. Нашиот буџет е тој, кој е одреден за зголемување на платите во здравството. Сепак нема да застанеме со комуникацијата и деновиве имаме состаноци со претставници на здруженијата и Комората на медицински сестри и да видиме кои се барањата и дали воопшто можеме да излеземе во пресрет. Едно зголемување на платите од пет проценти имаше во септември. Ова беше планирано за септември 2019 година и обезбедивме дополнителна сума пари за тоа зголемување да почне од јануари, додаде Филипче одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на првото „Роса школо за родителство“ во Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.