Македонија
17. February 2021 - 11:04

Филипче: Вакцините се безбедни, ќе се вакцинирам во некоја од следните тури

Не сакам да заземам место од овие првични дози на вакцини, кои се навистина броени, на колегите кои директно работат со пациентите. Ќе се вакцинирам во некоја од следните тури на вакцини, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот посочи дека вакцините се безбедни, со развиени безбедни платформи, и се единствен начин за развивање на колективен имунитет.

– Сметам дека здравствените работници се и тоа како свесни за важноста на имунизација, и тогаш кога кажав и сега повторувам ќе се вакцинирам, со цел да укажам и да покажам дека вакцините се безбедни, дека се развиени на безбедни платформи, дека тоа е единствен начин да се развие колективен имунитет и да се смени сликата на пандемијата, изјави Филипче по стартот на вакцинацијата на здравствените работници во Модуларната болница во Скопје.

Тој додаде дека ќе се вакцинира во некоја од следните тури на вакцини со цел да им покаже на граѓаните дека тоа е тоа што треба да го направат.

– Не сакам да земам место од овие сега првични дози, кои што се навистина броени, на колегите кои што директно работат со пациентите, сигурно ке се вакцинирам некоја во следните тури на вакцините кои ке дојдат со цел да покажам на граѓаните дека тоа е тоа што тие треба да го направат, додаде министерот.

Прашан колку луѓе може да се вакцинираат од една вакцина, Филипче потсети дека во еден флакон, кој што се раствора со близу два милилитри физиолошки ратсвор, може да се вакцинираат шест лица.

– Ако ги кажуваме дозите кажуваме колку луѓе точно може да се вакцинираат, и практично во еден флакон кој што се раствора со близу 2 милилитри физиолошки ратсвор може да се вакцинираат 6 лица, и тоа е и според препораките на производителот, тоа беше во она упатство за тренингот и едукацијата на здравствените работници, рече Филипче.