Македонија
14. October 2020 - 16:52

Филипчe тврди дека мерките се доволни, ИЈЗ регистрира 86,5% зголемување на бројот на нови случаи

Нема потреба од дополнителни рестрикции за заштита од корона вирусот, уверува министерот за здравство. Денешната изјава на Филипче е во исто време кога Инситутот за јавно здравје објави  дека минатата недела има дури за 87 отсто повеќе заразени во споредба со претходната и зголемен број на смртни случаи. И покрај ваквата статистика, за првиот човек во здравствениот систем, засега доволна заштита на населението се препораките од минатата недела -  задолжителното носење на маски, забрана за групирање после 22 часот и не повеќе од четворица гости дома. Но за тие да стапат на сила мора пратениците да ги изгласаат законските измени.

- Од формално правен аспект треба да се промени законот, заради тоа што сите овие мерки вклучително и носење на лична заштитна опрема на отворено се регулираше со уредба со законска сила која се донесе при крајот на вонредната состојба. За да може ова да се спроведе и за да може институциите да го контролираат иако не се спроведува да го санционираат мора да се направи законска измена. Најбрз начин е да се интервенира амандмански во Законот за заштита на населението од заразни болести кој е веќе во собраниска процедура, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Засега е нејасно дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги подржат законските измени а предложените мерки претходно детално ќе бидат разгледани од од здравствениот експертски тим на партијата.

-Но од она што може да се констатира е дека видовме изминатиот период многу мерки, но реализацијата е нула, владата нема капациетет било кои мерки што ги предлага да ги реализира, изјави Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Освен најавите дека нема да има нови рестрикции, Филипче и со уверување дека сите пациенти со Ковид ќе можат да ги третираат во јавните здравствени установи и за тоа имале план. Изминатите денови, пак, од неколку болници во внатрешноста менаџерите реагираа дека се на работ на издржливост и немаат дополнителни кревети а исполнет е капациететот и на Инфективна. Со овој тренд на хоспитализации, лекари велат дека и модуларната болницам каде има 72 кревети може да биде исполнета за 6 до 7 дена.

-Можеме апсолутно сите пациенти во целокупниот период кој е пред нас да ги изменаџираме со третман во јавно здравстените установи. Имаме конкретен план не само за скопските инфективни одделенија, туку и за сите болнички инфективни одделенија во државата. Модуларната болница до Инфективна а кога таа ќе биде исполнета, детската болница во Козле, изјави Филипче.

Поради компликации од ковид 19, досега во Македонија починале 800 тини граѓани. Дури 51 од нив не успеале да стигнат до болница а околу 600тини имале и претходни хронични заболувања.