Македонија
11. March 2020 - 13:22

Филипче: Тешко е да се затворат границите бидејќи не зависи само од нас, но ја пратиме ситуацијата

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека обезбедени се дополнителни средства за набавка на нови тестови за коронавирус, иако според него, засега ги има во доволен број. Тој рече дека ќе се набавува и друга опрема потребна за Клиниката за инфективни болести. Филипче потенцираше дека засега не може да се затворат границите, бидејќи тоа не зависи само од нашата држава, туку и од соседните земји. Притоа, таква препорака засега нема ни од СЗО, потенцираше тој, но ситуацијата се следи.

„Се алоцираа средства со кои што ние ќе направиме набавка согласно препораката на Владата на тестови за коронавирс. Добро е што има од каде и количина која може да се обезбеди. Истото важи и за другата опрема која ни треба за да се доопреми Клиниката за инфективни болести, тоа се респираторни машини и мобилни ренген апарати“, посочи Филипче.

Тој кажа дека Комисијата за заразни болести ќе предложи мерка здравствените работници да ги откажат сите приватни патувања, бидејќи секој од нив во овој момент е драгоцен за здравствениот систем.

„Здравствените работници во следните две недели да ги откажат и приватните патувања, бидејќи не е предвидливо дали некоја од земјите ќе влезе во групата со висок ризик, па да треба тие да бидат во самоизолација од 14 дена, а сега секој здравствен работник ни е навистина драгоцен“, рече Филипче.

Направен е и план како одделенијата од Клиниката за инфективни болести би се трансформирале во оддели за изолација, рече министерот за здравство, според кого, имаат стратегија за справување со коронавирусот доколку земе поголем замав.

„Капацитетот на Клиниката за инфективни болести е сосема доволен. Таму има план за тоа кој дел од спратовите, односно одделенијата би се трансформирале во одделенија за изолација. Тука е се сконцентрирано на експертизата. Приватните болници немаат регистирирано инфективни одделенија. Има само во рамки на Клиничкиот центар. Тоа е стратегијата за сега“, рече Филипче.
Во идниот период ќе се зголеми и бројот на епидемиолози на гарниците. Во однос на затворање на истите, тешко е да се препорача таква мрка до Владата, рече Филипче, бидејќи тоа зависи и од соседните земји, а не само нашата.

„На граничните премини, полицајците одлично ја вршат работата во однос на спроведување на прашалникот. Имаше и обуки од страна на епидемиолозите. Црвениот крст е исто така тука со луѓето кои можеа во овој момент. Во било кое време, на располагање им се епидемиолозите од Центарот за јавно здравје. Сега за сега капацитетот е сосема доволен. Веќе се спроведува и контролата за патување со организиран автобуски превоз во ризичните земји. Сега сме целосно фокусирани на справување со овој проблем, со коронавирусот. Има ситуации кои сега не може да ги предвидиме и затоа секојдневно и во континуитет ги препорачуваме се согласно случките, локацијата на пацинети.. За сега тешко е да се препорача мерка целосно затворање на граници, бидејќи тоа не зависи само од нас туку и од локалните земји. Немаме ни таква препорака од СЗО. Ја пратиме ситуацијата“, рече Филипче.

Во однос на проблемите кои ги имаат матичните лекари со недостиг на средства за дезинфекција, како и заштитна опрема, министерот за здравство рече дека ќе контактира со нив и ќе им набави се што е потребно.

„Во однос на матичните лекари, еве ќе го контактирам Здружението на матични лекари, за да им обезбедиме се што им е потребно во смисла на заштитни маски, ракавици и таква работа“, потенцираше Филипче.