Македонија
26. September 2021 - 13:23

Филипче со поддршка на кампањата за борба против рак на дојка

Здружението „Борка- за секој нов ден“ денеска организираше настан „Race for the Cure“- Напред розово, во рамки на 13-тата кампања за борба против рак на дојка. На настанот присуствуваше и министерот за здравсво Венко Филипче, кој истакна дека почнувајќи од 2019, заедно е направено многу.

-Системски го подобривме делот на пристапот и квалитетот на здравствената заштита кај пациентите со карцином на дојка и други малигни болести. Во нашата земја, повеќе нема пациент со малигна болест за кој не е обезбедена најквалитетна, иновативна биолошка терапија и можност за скрининг во повеќе центри низ земјата. Пациентите кои не се со живеалиште во Скопје, сега ја примаат терапијата во својот град, а доколку не се подвижни, преку Црвениот крст таа им се носи и дома. Покрај лекувањето, пациентите имаат и психолошка поддршка која е една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите, посочи Филипче.

Министерот потенцира дека останува посветеност за обезбедување максимална здравствена заштита за сите наши граѓани и активна и инклузивна соработка со граѓанските организации.

-Само со заеднички напори може да го унапредиме нашиот здравствен систем. Редовните лекарски контроли, но и самопрегледот на дојка се најефикасни за рано откривање и дијагностицирање на болеста,напиша Филипче на Фејсбук.

Кампањата за борба против рак на дојка ја поддржа и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз.