Македонија
4. March 2019 - 16:53

Филипче: Сите приватни ординации кои имаат хируршки интервенции под засилен надзор и инспекција

Здравствени инспектори од утре ќе ги чешлаат сите приватни ординации кои имаат дозвола за вршење хируршка дејност. По случајот со смртта на пациентот од Ресен кој почина од сепса после операција на хемороиди, министерот за здравство изјави дека правната служба ги проверувала сите договори издадени од министерството и најави вонредни контроли во приватните здравствени установи во кои се прават хируршки интервенции.

- Се прави листа на сите мали ординации регистрирани за хируршка дејност. За да видиме каков тип на дозволи имаат и какви услуги им се дозволени да прават согласно законот и нормално сето тоа да го провериме да не дозволиме да се случи уште една ваква работа. Од утре ќе има и вонреден инспекциски надзор во сите помали приватни ординации за вршење хируршка дејност, изјави за Сител министерот за здравство д-р Венко Филипче.

Филипче е категоричен дека министерството ќе им ги одземе дозволите за работа на двете приватни здравствни установи “Јанита” на доктор Звонко Николовски и на ординацијата за пластична хирургија д-р Митаноски инволвирани во случајот со починатиот ресенчанец.

- Очигледно е дека има пропуст на две нивоа и очигледно е дека и двете ординации ќе бидат затворени, додаде Филипче.

Министерот за здравство најави и дека ќе побара од Лекарската комора да ја разгледаат можноста за одземање и на лиценците на двајцата  доктори.