Македонија
30. December 2020 - 16:53

Филипче се надева на вакцини пред март, но нема конкретен датум ниту количина

Филипче е оптимист дека вакцинацијата против Ковид во Македонија ќе почне пред да пристигнат нарачаните дози преку Ковакс најавени за до март. Но, засега нема точен датум кога, кои вакцини и на кој начин ќе стигнат во земјава за официјално да почне имунизацијата. Останува да чекаме кој прв ќе ни даде од нивните дози Бугарија, Грција, Полска или Австрија. Министерот за здравство уверува дека колкава и да е цената директно да се набават од производителите државата има пари да купи вакцини.

-Нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцината против Ковид-19, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче кој верува дека има можност и пред март одредена количина на вакцини да пристигне во земјава, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Иако последниот период има намалување на бројот на новозаразени, хоспитализирани и починати од компликации од Ковид -19, како и преносливоста на вирусот министерот за здравство смета и да продолжи ваквиот тренд и на пролет вакцинацијата ќе биде неопхподна за стекнување колективен имунитет. Филипче верува дека граѓаните за време на претстојните празници ќе ги почитуваат мерките, но како што изјави здравството е подготвено и за евентуални нови пикови во јануари. Тој Новата година ќе ја дочекал дома со најблисокото семејство.

-Сакам да бидам пример за сите граѓани. Сега треба сите да ги почитуваме мерките и препораките и да сме свесни дека тоа е еден од механизмите со кои нема да дозволиме ситуацијата да се влоши сега кога навистина се изборивме и имаме видливи резултати, рече Филипче.