Македонија
28. February 2018 - 14:29

Филипче потпиша договори со граѓански организации за активности за превенција од ХИВ

Петнаесет граѓански организации кои аплицираа на јавниот повик на Министерството за здравство ќе добијат 47 милиони денари за активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција за годинава. Тие денеска со министерот за здравство Венко Филипче потпишаа договори со кои ќе им бидат обезбедени средствата.

- Република Македонија e првата земја во регионот која целосно го презема финансирањето на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза од Глобалниот фонд, кој го препозна ова лидерство. Имаме чест годинава на 9 и 10 мај бордот на Глобалниот фонд да се одржи во нашата земја. Владата стави приоритет и обезбеди средства од националниот буџет за да продолжи со програмите за превенција, дијагноза и за лекување на пациентите со ХИВ и туберкулоза, истакна Филипче на прес-конференција.

Министерството за здравство, посочи, ги препозна граѓанските организации како клучен фактор за соработка и натамошно имплементирање на овие програми со оглед на нивното огромно досегашно искуство, како и контактот со целните групи. 

- Објавивме два повика на кои се јавија 15 граѓански организации и денеска ги потпишуваме договорите за национално кофинансирање. Македонија има исклучително ниска стапка на инфекција со ХИВ дури и во најризичните групи. Се надевам дека и натаму заедно со граѓанските организации ќе работиме на националниот одговор против оваа болест, додаде Филипче.

Претседателот на Национална комисија за ХИВ/СИДА при Министерството за здравство, д-р Милена Стевановиќ од Клиниката за инфективни болести рече дека во превентивната програма за превенција на ХИВ активно ќе бидат вклучени здравствените институции кои ќе имаат одговорност за да се одржи ниската преваленца на ХИВ. Товарот, потенцира, ќе падне на Институтот за јавно здравје, центрите за третман на зависности, Клиниката за инфективни болести и центрите за јавно здравје.

- Работата на овие институции ќе биде мониторирана и евалуирана од Национална комисија за ХИВ/СИДА при Министерството која ќе има за задача да обезбеди и мултидисциплинарен пристап со институциите. ХИВ инфекцијата е мултидисциплинарен проблем и ќе имаме потреба од учество и на други институции во реализацијата на оваа програма, додаде Стевановиќ. 

Христијан Јанкуловски од ХОПС - опции за здрав живот, една од организациите која е членка на ХИВ платформата, рече дека за програмите за ХИВ за годинава се обезбедени 95 милиони денари од кои 47 милиони денари се за превентивните програми кои ќе ги имплементираат 15 здруженија, околу 43 милиони денари се за третманот за ХИВ, а остатокот од пет милиони денари се за Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје кои се поврзани со мониторинг, евалуација на овие програми.