Македонија
31. January 2021 - 8:26

Филипче: Подготвени се листите за вакцинација

 Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека веќе се подготвени листите на здравствени работници и хронично болни кои први ќе се вакцинираат.

Министерот Филипче информира дека се подготвени листите на здравствените работници и хронично болни кои први ќе се вакцинираат. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.

Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата. Во прв ред, тоа се превентивните служби за имунизација во рамки на Здравствените домови во кои се врши задолжителната имунизација и епидемиолошките служби во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, во кои се врши имунизација по епидемиолошки и клинички индикации.

Според надлежните, вакцинацијата е само една од повеќето превентивни мерки кои се користат во борба против ширењето на пандемијата. Другите мерки – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена на рацете, заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од КОВИД-19 и сузбивање на пандемијата.