Македонија
1. April 2020 - 15:35

Филипче: Освен во Скопје, ќе се дуплира капацитетот за тестирање и во другите градови

Со оглед на фактот што во некои општини е зголемено времето на чекање за земање на брис материјалите за испитување, во план сме да го зголемиме капацитетот на пунктовите за тестирање во сите општини каде тоа е потребно, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Министерот додаде дека со отворање на четвртиот пункт денеска, дуплиран е капацитетот во Скопје, а исто така ќе се отворат и уште пунктови.

-До минатата недела во Скопје работеа два пункта, а денеска се отвори и четвртиот. Денеска не известија дека е подготвен и ставен во функција и пунктот во Млин Балкан поликлиниката и мобилната екипа за постарите граѓани согласно укажувањето од матичните лекари.Со оглед на тоа што во одредени делови во одредени општини навистина се зголеми времето на чекање за зимање на брис материјал за испитување, во план сме да се отвориме уште повеќе пунктови и во оние општини каде е потребно, додаде министерот.

Филипче појасни дека до крајот на неделата освен во Центрите за јавно здравје, и во здравствените домови ќе се отворат еден или два пункта, согласно големината на здравствениот дом. Додаде дека ова во Скопје веќе се планира, а во другите општини најпрвин ќе се анализира дали со зголемување на бројот на пунктовите ќе се скрати времето на чекање.

На прашање дали и за медицинскиот персонал кој со јавен превоз оди на работа важат истите мерки за транспорт, Филипче одговори дека сите треба подеднакво да ги почитуваме мерките за транспорт, согласно препораките од Комисијата за заразни болести.

-Во однoс на транспортот, важат сите препораки за транспорт. Во однос на тоа колку е исполнет капацитетот во возилото, на кој начин се однеусуваат луѓето во рамките на возилата за јавен превоз, така да тоа важи за сите и тоа се препораки кои што се преземени од стручното мислење на Комисија за заразни болести за секоја препорака има соодветно стручно научно објансување, рече министерот Филипче.