Македонија
6. February 2021 - 13:32

Филипче: Обезбедивме значајна количина вакцини за голем процент од населението, немам резерва кон ниту една вакцина

Ќе бидеме една од ретките земји која во прв момент ќе обезбеди значајна количина на вакцини за сериозно голем процент од населението, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека нема резерва кон ниту една вакцина и оти би се вакцинирал меѓу првите со која било вакцина што прва ќе пристигне во земјата.

Министерот посочи дека отворени се и за руската вакцина, но во овој момент, како што рече, нема да прават ништо конкретно кон ниту еден друг извор на вакцини, од една страна за да се види како ќе тече процесот на имунизација и понатаму за да видат каква ќе биде динамиката со која ќе стигнуваат вакцините од другите инструменти.

– Апсолутно сме отворени и нема ниту скепса, ниту било каков сомнеж во било која вакцина вклучувајќи ја и руската, потенцира Филипче.

Тој смета дека количината што се очекува од кинеските вакцини е сосем доволна за еден процес на вакцинација што ќе трае четири до шест, седум недели.

– Имаме обезбедено 800 илјади вакцини од КОВАКС системот и за исто толку разговараме со компанијата „Фајзер“. Договорот го очекуваме практично секој ден, изминатиот период ни укажуваа дека се под голем притисок од сите земји во светот и тоа во овој момент е разбирливо. Така што, согласно динамиката на најавата за пристигнување на вакцините од другите системи во кои сме аплицирале и согласно динамиката на одвивање на вакцинацијата што ќе започне сега со овие вакцини кај нас ќе размислуваме за други механизми и дополнителни количини. Ќе направиме се што треба и така ќе биде дека откако ќе се почне процесот на вакцинација нема да запре, нагласи Филипче.

Во однос на вакцините што треба да пристигнат од Србија, тој рече дека се уште ги чекаат и двата документи, односно дозволата за извоз од Србија и нашиот драфт документ.

Додаде дека вакцината на Атра Зенека според најавата од системот КОВАКС треба да пристигне во март.

Д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација посочи дека информациите за користење на вакцината на Астра Зенека кај постарата популација, односно над 65 години ги следат на тековна основа.

– Се уште официјални информации од страна на Европската медицинска агенција (ЕМА) ниту од СЗО нема за нејзино некористење над 65 години, но искуствата на другите земји вклучително Франција, Италија, веќе и Шпанија искочија со некои препораки. Тоа ќе го следиме и ние и очекуваме дека – да, оваа вакцина најверојатно ќе биде давана во категоријата на граѓани под 65 години. Не станува збор за безбедноста на вакцината, туку оваа вакцина помалку дава ефект на заштита кај постарата популација и токму поради тоа се користи кај помладата популација. Но, сите вакцини во клиничките студии не беа тестирани на возраст до 18 години, така што оваа група на возраст воопшто не се ни планира во оваа фаза да се вакцинира, рече Грозданова.

Во однос на групите на приоритетни лица кои ќе бидат вакцинирани, информира дека го ажурирале планот за вакцинација и сега ги вклучиле и другите групи, односно сите здравствени работници вклучително матичните лекари, стоматолозите, колегите од вакциналните тимови. Оваа бројка очекуваат дека ќе зависи од достапноста на вакцините. Сега во приоритетните групи се ставени здравствените работници, оние од КОВИД-центрите и популацијата над 70 години.

Чагаровска информира дека бројот на лица над 70 години изнесува околу 170 илјади. Пациентите ги имаат во националниот систем „Мој термин“ .

– Правена е дополнителна проверка на дијагнозите со кои тие се евидентирани во последните три години, а дијагнозите се определени врз основа на препораките од СЗО, рече Чагаровска, додавајќи дека имаат податоци за тоа дали пациентот има или нема некоја од овие дијагнози.

Во однос на електронското пријавување, рече дека нема ограничување кој ќе може да се пријави. Податокот кој ќе се внесе во електронската пријава автоматски ќе дојде кај матичниот лекар, односно во оние листи кои ќе бидат до него доставени тој ќе има евиденција дека веќе пациентот се пријавил и нема да го анкетира повторно. Можност постои за откажување на прегледот и повторно закажување.