Македонија
5. April 2021 - 16:47

Филипче: Нема простор за паника, вакцината АстраЗенека е безбедна

Нема простор за паника, вакцината АстраЗенека е безбедна и граѓаните треба да бидат спокојни, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче на новинарско прашање на што треба да внимаваат оние граѓани кои примија вакцина АстраЗенека, и дали тие треба да направат некаква контрола или крвна слика и како да ги препознаат симптомите на нус појавите од вакцината.

-Не, нема никаква препорака дека било кој граѓанин кој примил таква вакцина треба да прави нешто во смисла на превенција. Во делот на давањето вакцина, како што кажав, ќе ги чекаме препораките, меѓутоа нема простор за паника, вакцината е безбедна, тие тромботични ефекти се толку ретки што се споредуваат со тромботични ивенти и кај тие исти групи на граѓани според возраста и полот и согласно други здравствени состојби така да граѓаните треба да бидат спокојни, одговори Филипче.

Во моментов во земјава има препорака со вакцината АстраЗенека да не се вакцинираат лица под 60 години, согласно препораките што беа издадени во Канада и Германија минатата недела.