Македонија
10. November 2020 - 12:15

Филипче: Нема потреба од полициски час ако се почитуваат мерките

Засега нема потреба од воведување полициски час, рестриктивните мерки што се досега донесени се доволни, и ако се почитуваат ќе дадат резулат во следниот период, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките, особено забраната за групирање на јавен простор која со вчерашната одлука на Владата е продолжена во текот на целиот ден, наместо како досега од 21 часот.

Филипче истакна дека особено загрижува групирањето на младите во парковите забележано изминатиот викенд.

– Целта на целосната забрана за групирање е токму да се спречи собирањето во парковите по 21 часот кога затвораат кафулињата и другите угостителски објекти, што носи ризик за ширење на Ковид-19, истакна министерот за здравство, одговорајќи на новинарски прашања по денешната посета на пунктот за тесирање во поликлиниката „Јане Сандански“.