Македонија
22. September 2020 - 15:07

Филипче не очекува анализата за смртноста од коронавирусот да трае повеќе од една недела

 Анализите за податоците за смртноста од коронавирусот се почнати викендов и министерот за здравство очекува тие да бидат готови во текот на оваа недела, и веднаш штом завршат ќе бидат презенентирани. Се работи, како што појасни на прес-конференција, за интерни анализи онаму каде се лекуваат овие болни, при што се анализираат нивната возраст, времето на доаѓање во болница, хронични заболувања, протоколи…

-Анализите веќе почнаа да се работат и верувам дека нема да треба повеќе од една недела со оглед на тоа што има јасни препораки што сакаме да се анализира во институциите, рече министерот Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Додаде  дека има поголем број дијагностицирани млади до 40 години, како и смртност и дека се прават проверки затоа што се специфични случаи.

-Видовме многу комплексни тешки форми на болеста. Форми кои никако не можевме да ги поврземе со претходна или актуелна фаза во која се наоѓа пациентот. Вирусот е многу непредвидлив и нема ниту еден фактор што ќе им укаже во која форма ќе се развива. Може да се види откако ќе тргне во некоја насока. Сепак ова е вирус со кој никој претходно не се соочил. Се прават многу истражувања и верувам ќе научиме и многу од нив. Ќе ги почекаме сите анализи и верувам дека ќе бидеме подготвени да извлечеме заклучоци, истакна министерот за здравство и додаде дека не недостасува терапија.

Оцени дека тоа што има поголем број заразени покажува дека мерките едноставно не се почитуваат и затоа се размислува за воведување други мерки.