Македонија
16. August 2020 - 11:01

Филипче: Наскоро ќе промовираме план за дополнителни рестрикции

Здравстевниот систем се подготвува за лоши сценарија со многу пациенти, но се надевам дека луѓето ќе бидат свесни и дека ќе се придржуваат до превентивните мерки, па нема да имаме такво сценарио, вели министерот за здравство Венко Филипче.

– Имаме план за дополнителни рестрикции согласно со некои мерки, ќе го промовираме наскоро. Тоа значи дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или е потенцијален ризик, нагласува Филипче.

Тој во интервју за мкд.мк потенцира дека во опција како една од мерките е и враќање на полицискиот час, затворање на училиштата и угостителските објекти и забрана за собири, додавајќи дека во планот на рестрикции битен е и регионалниот пристап.

Според него, полошо сценарио би значи поголем број пациенти и од сезонски грип, кои би ги окупирале истите одделенија на кои сега лежат пациенти со ковид.

– Точно предвидување никој не може да каже, ниту една од земјите и во регионот и во Европа немала есен со пандемијата, додава Филипче.

Во тој контекст е и подготовката на 16 ковид-центри и монтажни болници кои би тренало да почнат со работа од наесен.

– И клиниките и болниците имаат план кој од нивните експерти ќе ги менаџира тие мобилни болници, а целта е ковид-пациентите физички целосно да се одвојат од останатите. Мислам дека тоа е еден одличен систем. Со тој план што го направија со надополнување на бројот на инфектолози, со лекари специјалисти од интерна медицина, можноста да ги регрутираме овие лекари и од примарното здравство, да, ќе може да се менаџира, истакнува Филипче.

Тој напоменува дека во такви услови особено мора да се биде внимателен со децата, потенцирајќи дека смета оти предлогот на Комисијата за заразни болести за настава до трето одделение со физичко присуство, а за другите онлајн, е сосема солиден.

– Нашите препораки се темелат на епидемиолошките сознанија, а Министерството за образование и наука треба да одговори за другите предизвици. Апсолутно мислам дека е солидна препораката за од прво до трето одделение. Мислам дека треба да одат во училиште ако се согласни родителите, вели Филипче, додавајќи дека доколу родителите не се согласат со ваквиот предлог тогаш треба да има и онлајн-модел.

Во услови кога се испитуваат повеќе вакцини против КОВИД-19, министерот за здравство смета дека оптимистичко сценарио е вакцината да биде достапна на почетокот на 2021 година.

– Аплициравме за ковакс-механизмот на СЗО, којшто би ги дистрибуирал вакцините тогаш кога секоја ќе дојде до производителите. Немаме доволно сознанија за тоа до каде се вакцините. Компаниите што се пријавени во ковакс се блиску до третата фаза на клиничко испитување. Мислам дека е оптимистичко сценарио на светот да му биде достапна вакцина во почетокот на следната година. Тие што се најнапред во процесот. За руската (вакцина) немаме многу сознанија, сè уште истражуваат нашите експерти, потенцира Филипче.

Тој нагласува дека од почеток на појавата на епедимијата било укажувано дека здравствениот систем и здравствените работници не можат сами да ја изменаџираат кризата и затоа од исклучителна важност е свеста кај граѓаните и почитувањето на мерките.

– Има сериозен дел од граѓаните што ги почитуваат, меѓутоа има исто сериозен дел што не ги почитуваат. Оваа здравствена криза нам ни наметна живеење по некои правила и многу е битно граѓаните да сфатат дека ова станува дел од здравствената култура. Има постојано апели, има примери, има луѓе со тешка форма на болеста, има луѓе што загубија блиски членови на семејството. Болеста е тука и постои, мора да се свесни граѓаните дека се самите одговорни за своето здравје ако не водат сметка. Јасни се принципите за превенција и ширење на вирусот, потенцира Филипче.