Македонија
23. јуни 2021 - 16:40

Филипче најавува враќање на децата во клупите од 1ви септември

Здравство подготвува протоколи на 1 септември сите деца да се вратат во училишните клупи. Дотогаш треба да бидат вакцинирани и останатите 20.000 наставници, бидејќи 10.000 веќе се заштитени. Како ќе изгледа новата учебна година Филипче најави дека сите детали ќе бидат познати за две недели.

-Протоколите за учебната година се речиси готови. Има уште некои технички детали, на кои работи работната група, во која членуваат претставници од МОН и епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Планирано е да присуствуваат сите деца, 100 проценти од вкупниот број во класовите. Така се подготвуваат и протоколите. Мерките се: дезинфекција, често проветрување на училниците, немешање на различни класови. Протоколите ќе бидат целосно завршени за две недели, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Засега Владата не размислува порано во август да почне учебната година за да се искористат временските услови.

Филипче не гледа дека епидемиолошката состојба е причина да биде одложено доделувањето на свидетелства на учениците. Тоа можело да го направат во дворовите на училиштата. Од Бирото за развој на образованието за ова не го консултирале министерството за здравство.

-За таква работа не сме комуницирале. Свидетелставата може да се делат во дворовите, сега е убаво времето. Мислам дека луѓето кои учествуваа во менаџирањето на кризата, претставниците на Министерството за образование и наука (МОН) се свесни дека сѐ што може да се организира во надворешни услови, треба да се направи, рече Филипче.

Иако првично доделувањето на свидетелствата на основците и средношколците беше закажано за 26 јуни, овој настан е одложен за во август. Ваков документ добија само полуматурантите и матурантите заради уписите во средно односно на факултет.