Македонија
24. July 2019 - 16:51

Филипче најавува две нови физибилити студии за јавно приватно партнерство во здравството

Министерството за здравство ќе бара преку јавно приватно партнерство да биде изградена градската болница кај Мајчин Дом. Ова ќе биде петта физибилити студија што ја планираат здравствените власти за евентуално вклучување на приватни партнери во секторот. Филипче пред повеќе од една година најави изградба на нов здравствен  објект во Аеродром каде требаше да биде префрлена Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски. Но, освен избор на најдобри идејни решенија од конкурсот, други активности немаше.

-Изградба на градската болница кај Мајчин дом но и менаџирање со други општи болници во државата. Сакаме да видиме дали тоа може да го направиме со приватен партнер, многу ланци на болници ни пристапија за овие наши идеи, па да видиме дали може да направиме такво партнерство, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Но здравствените власти не застануваат само кај менаџирање на болници со приватни партнери. Филипче ќе бара и физибилити студија за јавно приватно партнерство во радиологија.

-Имаме мал број на радиолошки апарати и сакаме да видиме дали со овој модел може да го стигнеме европскиот просек, вели Филипче.

Нејасно е кога ова ќе биде реализирано бидејќи во јавноста се уште нема податоци дали Брза Помош во иднина ќе биде модел на јавно приватно партнерство или ќе остане како сега. Физибилити студијата каснеше неколку месеци а надлежните најавуваат дека на јавна дебата сакаат да го слушнат и мислењето на стручната фела. Истата постапка ја планираат и за ин витро како и за стерилизацијата.