Македонија
14. May 2020 - 13:31

Филипче: Македонија ги живее последните недели од епидемијата со коронавирусот

Рестриктивните мерки и вонредната состојба ги дадоа  посакуваните ефекти. Бројот на заразени е драстично намален и епидемијата веќе не се шири. Според министерот за здравство Венко Филипче сега сме во фаза кога ги гледаме добрите ефекти на силните рестриктивни мерки, кога имаме затворени градинки, школи и граници и има мирен период.

Тој потенцира дека  треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне подолг период. Филипче реално очекува состојбата да се смени дури кога ќе има вакцина и кога ќе се стекне колективен имунитет

-За 10 пати е намален бројот на заболени од ковид-19 во споредба од пред еден месец, што покажува дека епидемијата е под контрола- вели  Филипче и дополни дека  се реализираат предвидувањата на Комисијата за заразни болести, а тоа според него е резултат на доследно спроведување на препораките на оваа комисија која ги доставува до Владата.

Констатацијата дека епидемијата се смирува е според бројот на новозаболени пациенти, бројот на пациенти во болниците, броотј на пациенти со тешка клиничка слика и на респиратори, бројот на слободни кревети во болниците, бројот на починати лица.

Министерот нагласува дека токму овие фактори се  значајно подобри ако се споредат на почеток на епидемијата.

-Сега сме во  во последните недели на траење на респираторните епидемии, кога имаме затворени градинки, школи и граници и има мирен период. Но треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне во долг период и сликата ќе се смени дури кога ќе има вакцина и потоа до стекнување колективен имунитет. Пред нас е период кога треба да живееме со вирусот – вели Филипче и дополни дека  влошување може да се очекува со отворање на границите.

Министерот смета дека нема да бидеме така комотни  кога ќе почнат патувањата надвор, но и враќањето на наши државјани и влез на странци. Особено промени ќе има вели Филипче, како ќе почне  школската година, како и во доцната есен  кога ќе почнат епидемиите од сезонски грип.