Македонија
20. May 2021 - 15:35

Филипче: Ќе обезбедиме системско решение за медицинските сестри, техничари и лаборанти кои имаат висока школа или специјализација

Сигурно ќе обезбедиме финансии за медицинските сестри, техничари и лаборанти кои имаат висока школа или специјализација, а на кои таа школа не им е признаена во плaтата, но мора детално да ги разгледаме условите за да обезбедиме системско решение, порача министерот за здравство Венко Филипче.

-Пред неколку дена заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување имав состанок со едно од здруженијата на медицинските сестри. Пративме писмо со кое очекуваме до крајот на неделава или евентуално на почетокот на следната да видиме колку е вкупната бројка на медицински сестри, техничари и лаборанти кои имаат висока школа или специјализација, а на кои таа школа не им е признаена во плaтата. Врз основа на таа бројка да се направи финансиска анализа, но во исто време и анализа на систематизациите во јавните здравствени установи и врз основа на тоа да изготвиме соодветно и долгорочно решение. Јасно укажавме дека финансиите сигурно ќе ги обезбедиме, рече Филипче во одговор на прашање по примопредавањето на германската донација од 72.000 брзи антигенски ковид тестови.

За медицинските сестри кои работат со договор на дело и за приватните специјализанти посочи дека поради ковид кризата се уште не им е решен статусот.

-Утре ќе ги повикам на уште еден состанок на кој ќе зборуваме на три теми. Имаше барања за висината на  надоместоt за дежурствата за кој има правна пречка да се направи зашто тие не се вработени, туку се со договор на дело, а дежурството е додаток на плата. Втората е осигурувањето, зашто договорот не го регулира здравственото осигурување, а третата е вработувањето. Тие три теми ќе ги дискутираме утре, бидејќи нашата финансиска анализа ја направивме, а утре ќе зборуваме за тоа како ќе се имплементира, појасни Филипче.