Македонија
13. December 2018 - 14:16

Филипче и Синдикатот на Клинички центар на средба за решение за паркингот

Министерот Венко Филипче и Синдикатот на здравствените работници денеска на средба ќе се обидат да најдат решение во врска со поскапувањето на паркирањето за вработените на Клиничкиот центар во Скопје, а како можност се разгледува паркингот да се врати на стопанисување на Центарот.

-Во врска со паркингот разговравме со градоначалнкот Петре Шилегов. Укажав на сите барања на синдикатот, на незадоволството на вработените во Клиничкиот центар и разговаравме за неколку можни решенија, меѓудругото ние повторно да го вратиме стопанисувањето со паркингот. Треба да се разгледа  договорот како тој бил преземен од страна на Град Скопје пред неколку години. Исто така ќе се разгледува можност во решението да ги вградиме и активностите кои се во тек , а во смисла на целосно решавање на сообраќајниот хаос. Се надевам дека за ден два ќе имаме некакво алтернативно правно решение за тоа како би можеле евентуално да го преземеме паркингот, а во истовреме да работиме на унапредување на нашиот капацитет да може тоа да функционира, рече Филипче.

Тој напомена дека во овој момент, исто така, се ревидираат претходно направените физибилити студии за катните гаражи.

– Ревидирањето е при крај и врз основа на тоа ќе ги започнеме постапките за монтирање урбана опрема, а тоа се монтажните катни гаражи, таму каде што било предвидено, во близина на хелиодромот, а  дополнително и на празниот простор до гинеколошката клиника, рече министерот за здравство.

Филипче одговарајќи на новинарско прашање реше дека не е запознаен дека синдикатот освен забелешките за паркингот имаат и забелешки во врска со покажувањето на платите. Рече дека на поранешните средби со синдикатот укажале дека ова во моментот е максимумот што може да го дадат и оти тоа е процес во кој ќе се инвестира и во наредните години за да се исполнат ветувањата за основна плата на лекарите специјалисти.

-Излеговмем во пресрет и на дополнителните барања на медицинските сестри. Предвиденото зголемување за септември ние го префрливме во јануари затоа што се обезбеди и дополнителна сума на пари, но и да се разгледаат некои дополнителни барања од страна на медицинските сестри во Клиничкиот центар во однос на нивните коефициенти бидејќи навистина наследивме хаотичен систем. Има различни коефициенти, различен начин на пресметување на платите, различно признаени дипломи за високо школо на некои медицински сестри да, а на некои не, рече Филипче.

Денеска Синдикатот на Клинички центар на денешниот штрајк против одлуката за покачување на цената на паркингот побара министерот за здравство да го реши настанатиот проблем.

Советот на Град Скопје, кој стопанисува со паркингот,  донесе одлука за зголемување на месечното паркирање на 800 денари за вработените од Клиничкиот центар.