Македонија
20. November 2021 - 11:48

Филипче: Граѓаните имаат избор или да прават ПЦР тест што сами го плаќаат, или да се вакцинираат бесплатно

Министерот за здравство Венко Филипче во емисијата 360 степени вчеравечер појасни дека со новите мерки не станува збор за принудна вакцинација, туку на граѓаните им е оставен избор – или да приложат негативен ПЦР тест кој треба да го платат сами, или да се вакцинираат бесплатно.

-Не станува збор за никаква принудна вакцинација како што се обидуваат да ја прикажат. Граѓаните имаат избор да се вакцинираат бесплатно или да приложуваат доказ односно негативен тест, што ќе го платат сами. Јавните институции мора да бидат пример за почитување на препораките на здравствените власти, исто како и здравствените работници кои мора да бидат целосно вакцинирани. Граѓаните кои од медицински причини не смеат да бидат вакцинирани секако нема да бидат присилени на тоа. Така што апсолутно нема присила, напротив има одговорно постапување од страна на Владата – истакна министерот Филипче.

Дека вакцините се докажано безбедни, ефикасни и штитат од тешка форма на болеста, Филипче го посочи примерот со Велика Британија и Украина. Во Британија, процентот на вакцинирани е над 70%, а пред два дена имаше 39.000 нови случаи и само 47 починати, Украина истиот ден имаше 12.000 нови случаи и преку 500 починати. Украина има само 20% вакцинирано население, смртноста во оваа земја е 10 пати поголема.

Министерство за здравство