Македонија
24. November 2018 - 13:30

Филипче: Центрите за дијализа функционираат без проблеми

 Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека центрите за дијализа функционираат без проблеми и дека сметките на Диамед, компанија која стопанисува со нив, во Македонија не се блокирани.
 
-Вчера прочитав за тоа во медиумите, а имавме и јавувања од вработените во дијализните центри. Но ние проверивме и ниту една од тие сметки кај нас не се блокирани. Веројатно станува збор за некои други сметки. Така што, центрите за дијализа функционираат без проблеми, рече Филипче на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање во врска со блокирањето на сметките на Диамед.
 
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција синоќа информираше дека доставило барање до Кнежевството Монако да ги запре финансиските трансакции на сметки во Монако на кои се префрлени пари од концесионерот на центрите за дијализа во Република Македонија.
 
Вчера се огласи и сопственичката на Диамед, Вера Иванова, која тврди дека е единствена, стопроцентна поранешна сопственичка на Диамед Македонија,компанија која од 01.11.2018 е превземена од Диаверум од Шведска. Таа ги демантираше информациите дека се блокирани сметките на компанијата.