Македонија
14. May 2021 - 13:45

Филипче: 180.000 вакцинирани, помладите од 40 години ќе почекаат за вакцинација

Пријавените за вакцина преку vakcinacija.mk најдоцна до понеделник ќе добијат термини за вакцинација, рече денес министерот за здравство Венко Филипче. Тој минатата недела рече дека по направениот пресек на 30 април, сите пријавени ќе добијат термини до 15 мај, а денес го продолжи тој рок до понеделник, односно до 17 мај, но рече дека приоритет ќе имаат повозрасните оти по направениот пресек на крајот на април се пријавиле уште 9.000 лица над 70 години кои дотогаш не биле пријавени.

„До утре или до понеделник сите пријавени ќе добијат термини. Акцентот ќе биде на новопријавените лица над 70 години, за да се заштити прво оваа категорија. Помладите е можно подолго да почекаат. Границата ќе биде 40 години. Тие под 40 години нешто повеќе ќе почекаат“, рече министерот Филипче.

Во Македонија се вакцинирани 150.000 граѓани со прва доза од вакцината против корона вирусот и уште 30.000 граѓани кои се ревакцинирани, рече Филипче.