Македонија
16. September 2016 - 11:53

Филип Петровски на конгрес на Меѓународниот архивски совет во Сеул

Директорот на Државниот архив на Република Македонија Филип Петровски учествуваше на конгрес на Меѓународниот архивски совет, кој од 5 до 10 септември се одржа во Сеул, Јужна Кореја, соопшти денеска Архивот. 

ДАРМ информира дека Конгресот бил организиран од Меѓународниот архивски совет и Националниот архив на Кореја, на тема „Архиви, хармонија и пријателство“. Се дискутирало за најновите меѓународни стандарди во архивското работење и дигитализацијата; за дилемите на архивите во однос на заштитата на приватноста на граѓаните и правото на сите граѓани за пристап до архивските фондови, со посебно внимание кон меѓународните закони за авторски права.

За време на Конгресот се одржале повеќе средби на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет (European Branch of International Council of Archives of - EUROBICA), каде што од мај 2016 година Филип Петровски е избран за нов член.

- Филип Петровски за време на Конгресот оствари повеќе контакти, договори повеќе проекти и присуствуваше на првиот и сите пропратни состаноци на Извршниот одбор на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет, кој брои вкупно седум членови кои ги застапуваат интересите на околу илјада архиви од Европа во Меѓународниот архивски совет. На состаноците на Европскиот огранок на Меѓународниот архивски совет во Сеул се дискутираше за начинот на којшто ова тело ќе ја продолжи својата работа; како и за контактите со бројното членство во овој огранок, а Петровски беше задолжен за контактите со архивите од Југоисточна Европа, соопшти Државниот архив.