Ракомет
6. October 2017 - 9:25

Филип Лазаров од Пелистер се сели во Бешикташ

 
 
 Филип Лазров се сели во редовите на турскиот шампион Бешикташ. 
 
И официјално досегашниот леви бек на Пелистер, денеска постигна договор со битолската екипа за прекин на соработката по само два месеци ангажман, со што е исполнет најголемиот предуслов Лазаров да се пресели во Бешикташ.
 
„Заминувам од Пелистер, денеска и написмено добив раскин на договорот. Со 99% сигурност можам да кажам дека нов клуб ќе ми биде Бешикташ, останува само уште да средиме неколку детали за договорот да се официјализира и да заминам за Истанбул“, изјави Лазаров. 
 
Лазаров во новиот клуб ќе го има поранешниот соиграч од Вардар, Немања Прибак, кој во претстојната ЕХФ недела повторно ќе добие шанса и во македонската репрезентација. 
 
Со заминувањето на Лазаров битолчани останаа без својот најдобар играч, кој беше прв стрелец во домашното првенство.
 
Репрезентативецот минатата сезона настапуваше за романската Политехника Темишвар, а претходно уште го носеше и дресот на Вардар и Металург.