Македонија
21. July 2017 - 14:06

Филхармонијата ќе ја почне концертната сезона 2017/2018 на 21 септември

Со комплексни и величествени оркестарски дела кои ќе бидат изведени под диригентската палка на Борјан Цанев, на  21 септември во новата сала ќе почне концертната сезона 2017/2018, соопшти Македонската филхармонија, која ја  подготвила програмата за новата сезона, најавувајќи многу премиери, нови и досега неизведени дела.

Меѓу позначајните уметнички имиња кои ќе гостуваат на македонската сцена Филхармонијата ги издвојува виолинистите од Русија, Сергеј Крилов, Алена Баева и Никита Борисо-Глебски, како и истакнатиот пијанист Борис Березовски кој пред македонската публика настапи и по повод 70-годишниот јубилеј од постоењето на Македонската филхармонија.

Најавено е и гостување на славниот пијанист Данил Каритонов, победник на престижниот натпревар „Чајковски“, македонскиот баритон Милан Силјанов, кој гради успешна кариера на европските сцени, реномираниот германско-француски виолончелист Николас Алтштед, познатата и атрактивна пијанистка од Украина Валентина Лисица, потоа  рускиот пијанист Евгениј Судбин, виолинистот Нинг Фенг од Кина...

Ќе бидат изведени и дела од македонски композитори и ќе настапат македонски солисти кои имаат светска кариера. Покрај Силјанов, Филхармонијата ги најавува и Здравко Ангелов на кларинет, виолинистот Љубиша Кировски, како и сопранистка Ана Дурловски која ќе настапи во „Симфонија на тажните песни“ од полскиот композитор Хенрик Горецки, што ќе биде премиерна изведба од оркестарот на Македонската филхармонија. 

Диригентите на концертите ќе бидат познати имиња за македонската јавност, но и некои кои првпат ќе соработуваат со Филхармонијата. Меѓу нив: Емил Табаков, Јерухам Шаровски, Алексеј Огринчук, Конрад ван Алфен, Даниел Рајскин, Михал Нестерович, Габриел Бебешелеа, Тимоти Редмонд, македонските Борјан Цанев, Ле Фи Фи, Џијан Емин...

Ќе бидат изведени дела од класичната музичка литература, од големите мајстори како Моцарт, Бетовен, Чајковски, Рахмањинов, Дворжак, Шуберт, Лист, Сибелиус, Стравински, Скрјабин, Шостакович, Малер..., а ќе биде одбележан и јубилејот 100 години од раѓањето на американскиот композитор Леонард Бернштајн.

- Покрај класичниот, стандарден репертоар, Македонската филхармонија се потруди и во новата сезона да вметне малку поатрактивни концерти и солисти со, исто така, неспорен квалитет, концерти кои веќе неколку години наназад ги вметнува во необичниот циклуси „Алхемија“. Меѓу нив и атрактивната Ксенија Сидорова на хармоника од Летонија со нејзиниот најнов проект „Кармен“, потоа мошне необичната Каролина Ејк од Германија, која свири на исто така необичен инструмент-теремин, што ќе биде своевидно откритие за македонската музичка сцена, а ќе гостува и извонредниот басист од Полска, Адам Шкрипек, кој ќе изведе Концерт за електричен бас и оркестар, информира Филхармонијата.

Ќе бидат одбележани и 30 години од смртта на  композиторот Драган Ѓаконовски-Шпато со концертен проект насловен „Филхармонија за Шпато“, на кој легендарни теми на овој автор ќе добијат ново оркестарско руво.

Концертот на квартетот „Белтанго“ од Србија, со нивниот атрактивен проект „Балканго“ чија цел е да ја шират танго културата, Филхармонијата го посочува како настан  од кој се очекува да биде привлечен за пошироката публика. Филхармонијата го најавува и концертот „Четири годишни времиња“ на кој ќе прозвучат познатите истоимени дела од Антонио Вивалди и Астор Пјацола.

Покрај „Алхемија“ и „Руски пијанизам“, Филхармонијата од претстојната сезона ќе воведе уште еден циклус - серија од вокално-инструментални концерти.

- Покрај споменатите два на кои ќе гостуваат нашите вокалисти Ана Дурловски и Милан Силјанов, насловени „Духовен минимализам“ и „Вокална магија“, со наслов „Реквием Аетернам“ под палката на маестро Емил Табаков ќе биде изведен Моцартовиот Реквием - едно од највеличествените дела во историјата на музиката, наведува институцијата. 

Годинава Македонската филхармонија ќе организира и Гала-новогодишен концерт со пригодна програма, а ќе ги реализира и традиционалните концерти - по повод Денот на вљубените, мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, како и концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ на кои настапуваат учениците и студентите од државните училишта. Циклусот концерти за најмладите, пак, поради новиот концертен амбиент ќе добијат и нова, поинаква димензија, а ќе се реализираат и неколку музички работилници за деца.

За редовните посетители и оваа година Македонската филхармонија ги најавува циклусите „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“, со кои може да се претплатат на целата концертна сезона, да изберат десет или пет концерти. Продажбата на циклусите ќе почне од 1 септември.

Македонската филхармонија ќе има и нова веб-страница со нов и современ дизајн, која ќе биде во функција на почетокот на август. Таму ќе може да се добијат сите информации за идните концертни проекти на оваа институција.