Филхармонија на 8 август на „Охридско лето“, подготвена и програмата за новата концертна сезона
Последниот концерт на Македонската филхармонија за оваа сезона е „Песни од срцата“, кој ќе се одржи на 8 август во Античкиот театар, во рамки на фестивалот „Охридско лето“. Под палката на диригентот Борјан Цанев ќе настапат оперските пејачи Ана и Игор Дурловски.
Како што информира Филхармонијата, „Песни од срцата“ е проект кој ги вклучува меѓу најубавите љубовни песни од народната македонска музичка традиција, за чии аранжмани е задолжен композиторот Сони Петровски. Овој проект Македонската филхармонија го реализираше минатата година во Македонскиот народен театар.
Македонската филхармонија соопшти дека веќе е готова и програмата за новата концертна сезона 2016/2017 и ќе понуди концерти со разновидна содржина, настапи на врвни солисти и диригенти и премиерни дела.
Новата сезона свечено ќе биде отворена на 6 октомври, со настап на познатата виолинистка Мидори (Јапонија, САД), која ќе го изведе атрактивниот Концерт за виолина и оркестар од оскаровецот Ерих Корнголд. Под палката на Емил Табаков од Бугарија, ќе биде изведено и комплексното симфониско дело „Животот на херојот“ од Рихард Штраус, по кое овој концерт го носи насловот.
До крајот на сезоната, на сцената заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапат и наградуваните пијанисти - Лукас Вондрачек од Чешка, Џорџ Ли од САД, Дино Имери од Македонија, Оли Мустонен од Финска, потоа виолинистите со меѓународна кариера Ѓорѓи Димчевси и Сихана Бадивуку, светски признатиот виолинист Нинг Фенг од Јапонија.
- Публиката првпат ќе ги слушне и харфистката Мојца Злобко од Словенија, Ксенија Сидорова на хармоника од Русија, саксофонистката Ејми Диксон од Австралија, Иштван Вардаи на виолончело од Унгарија, еден од најдобрите хорнисти - Штефан Дор од Германија, нашата сопранистка Милена Арсовска... Зад пултот ќе застанат извонредните Јерухам Шаровски од Израел, нашите Борјан Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, Емил Табаков од Бугарија, Кејс Скалионе од САД, Даниел Рајскин од Русија, Со Аватсуџи од Јапонија, Тимоти Редмонд од Велика Британија, соопшти Филхармонијата.
Концертите и овојпат носат наслови кои укажуваат на програмската определба. „Животот на херојот“ (за отворање на сезоната), „Импресии“, „Enfant Terrible“, „Пролет во ноември“, „Гротеска“, „Виолиниски бравури“, „Чајковски: смеа и тага“, „Моцарт vs Шенберг“, „Автентичност и Барток“, „Гласот на славејот“, „ББ“, а и годинава продолжува интересниот циклус „Алхемија“.
Како ексклузивни проекти Македонската филхармонија ги најавува концертот на светскиот џез-трубач Душко Гојковиќ со неговиот Квартет, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, годинава насловен „Париз, те сакам“ и посветен на француската шансона, како и концертот „Видеоигра“ кој ќе ја донесе музиката од најновите видео анимации.
- Програмата на новата концертна сезона е шаренолика, интересна, атрактивна, наедно и комплексна, а ќе претстави дела на Чајковски, Рахмањинов, Шостакович, Равел, Дебиси, Прокофјев, Моцарт, Бетовен, Шуман, Шнитке, Сен-Санс, Бизе, Барток, Голиов..., и се разбира македонски дела, некои од нив ќе прозвучат премиерно, а со некои ќе се одбележат значајни јубилеи на македонски композитори, соопшти Филхармонијата.
За најмладата музичка публика, пак, ќе бидат изведени редовните симфониски концерти за деца, а ќе бидат воведени и нови проекти за најмладите, музички работилници и мултимедијални концерти.
Во пресрет и на новата концертна сезона 2016/2017 за љубителите на музиката Македонската филхармонија ги обезбедува традиционалните претплатнички циклуси „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“, кои ќе почнат на 12 септември.
Во 2017 година се очекува и преселувањето на оваа институција, со што по седум децении таа ќе добие сопствен дом во нова концертна сала.
Ново на Сител
-
Петмесечно бебе е вториот случај на голема кашлица во прилепско
-
Преглед на вестите од светот
-
Почнува кампањата за парламентарните избори - ВМРО-ДПМНЕ традиционално во Охрид
-
Караванот на СДСМ и коалиција почнува од ИЕ4
-
Специјализантите в понеделник во 5 до 12 ќе штрајкуваат пред Министерството за да ги види и слушне Демири
-
Мицкоски во Охрид на увид во градежни активности во 3 клучни проекти
-
СДСМ ја стартуваше кампањата – нема откажување додека Македонија не стане дел од ЕУ
-
ДУИ: По изборите Османи е шеф на државата, Села спикер, а Бугарите дел од Уставот