Свет
1. March 2017 - 14:21

Фијон: Нема да се предадам, ќе се борам до крај

Конзервативниот претседателски кандидат во Франција, Франсоа Фијон изјави денеска дека нема да се повлече од трката за претседател и покрај тоа што добил повик од судија поради наводите дека на сопругата и на децата им дал лажни работни места во Парлементот, јави францускиот весник „Журнал ди диманш“. 

- Нема да попуштам, нема да се предадам, нема да се повлечам, ќе се борам до крај, рече Фијон. 

Тој исто така нагласи дека ќе го испочитува судскиот повик и ќе биде присутен на сослушувањето, закажано за 15 март, но повторно изјави дека е невин, а дека неговото семејство „само му помагало“ во политичката кариера.

Фијон нагласи дека е цел на „политички атентат“, додавајќи дека на овој начин се „убиваат и француските претседателски избори“.

Француското Обвинителство одлучи против конзервативниот претседателски кандидат Франсоа Фијон да покрене судска истрага поради тврдењата дека на неговата сопруга и децата им дал лажни работни места во Парламентот, по прелиминарната истрага, која почна на 25 јануари. На листата обвиненија се споменува и проневерата на јавните фондови.

Тој призна дека ги вработил сопругата и децата, но тврди дека станува збор за вистински работни места.