Фудбал
9. December 2018 - 17:46

ФФМ одржа собрание во Охрид

Фудбалската федерација на Македонија денеска во Охрид го одржа Вонредното Генерално Собрание. На Вонредното Генерално Собрание на ФФМ беа усвоени измените и дополнувањата на Статутот на ФФМ. 

Првиот дел од измените се однесува на предлог одлуката на У.О. на ФФМ со која се предложени измени и дополнувања, односно отворање на статутот во делот кои се однесува на критериумите, постапката и начинот за кандидирање и избор на претседател на федерацијата.

Основната цел на овие измени и дополнувања е олеснување на споменатите процеси.

Основната промена во критериумите за кандидирање направена е во член 91. Изменето е претходното решение со кое кандидатот за претседател се бираше од редот на делегатите. Со предложената измена во овој член кандидатот за претседател може и не мора да биде од редот на делегатите на Собранието.

Кандидатот за претседател во годината кога му завршува  мандатот, не смее да ја надмине  возраста определена како највисока согласно позитивните законски прописи кои го уредуваат и регулираат правото на остварување на старосна пензија.

 Во делот кој  ги утврдува условите кои кандидатот треба да ги исполнува, а се уредени во член 43, со интервенцијата направена во точка 3 на првиот став и бришење на зборовите „како нејзин член“,  овозможено е проширување и олеснување на процесот за кандидирање, како и овозможување да се кандидира и кандидат кој претходно активно учествувал во активностите на фудбалската организација во целина.

Како основно правило уредено е дека собранието одлуките ги носи со мнозинство од присутните делегати.