Фудбал
8. јуни 2016 - 17:08

ФФМ ја подржа кандидатурата на Словенецот Чеферин за претседател на УЕФА

Во Москва се одржа регионален состанок на фудбалските асоцијации на кој присуствуваа и раководните луѓе на Фудбалската федерација на Македонија.

Руската фудбалска асоцијација во Москва беше домаќин на регионалниот состанок на фудбалските асоцијации на кој присуствуваа претставници на федерациите од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Македонија, Црна Гора, Романија, Турција, Србија и Словенија. 

На предлог на првиот човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоск раководните луѓе на асоцијациите присутни на регионалниот состанок во Москва  му дадоа едногласна и единствена поддршка на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Словенија, Александар Чеферин во неговата кандидатура за претседател на Уефа.

-Заедништвото и тимската работа е основа за остварување на големи цели. Единствено ако се држиме заедно ќе бидеме силни и ќе можеме да влијаеме во случувањата во фудбалот на меѓународен план. Ја користам оваа прилика да побарам од вас заеднички да поддржиме еден кандидат за следниот изборен циклус на УЕФА. Сметам дека новиот претседател на УЕФА треба да биде еден од нас. Свесен сум дека за ова прашање имаме различни мислења и гледишта, што не е спорно, меѓутоа како група сметам дека мораме да истапиме со заеднички предлог за претседател на УЕФА. Или сме тим или не, или ќе имаме меѓусебна доверба или ќе немаме. Нашето мислење е дека треба да му дадеме поддршка на Александар Чеферин како наш кандидат од причина што истиот е успешен и почитуван правник, претседател на Фудбалската федерација на Словенија, семеен човек, а што е најважно, Александар Чеферин е еден од нас. Мислам дека ова е единствена шанса идниот претседател на УЕФА да биде токму од  нашиот регион. Мора да бидеме мудри и единствени за да ја искористиме оваа можност која ни се укажува на сите нас, истакна Ѓорѓиоски во обраќањето пред присутните.