Фудбал
17. July 2016 - 14:10

ФФМ ги одреди премиите за пласманот во мундијалските квалификации

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука за висината на паричните награди на репрезентативците и стручниот штаб во зависност од пласманот кој ќе го остварат во следните мундијалски квалификации.
 
Пред започнувањето на новиот циклус, претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, капитенот Горан Пандев, селекторот на А репрезентацијата Игор Ангеловски и техничкиот менаџер на А репрезентацијата Саша Ќириќ во име на Федерацијата и репрезентацијата дадоа предлог, а Управниот одбор на ФФМ го потврди правилникот за награди/премии.
 
- Сметаме дека за репрезентацијата се игра со срце и нѐ ни беше проблем да најдеме решение кое ги задоволува двете страни. Клучно е она што ќе го покажеме на терен - мораме и посакуваме да бидеме поуспешни во квалификациите кои ни следуваат, а доколку успееме во тоа Федерацијата ќе го награди резултатот. За нас најважно е да оствариме позитивни резултати на натпреварите, е ставот на репрезентативците за утврдените премии.
 
ФФМ пласманот на 4.место во квалификациската група за пласман на СП ќе го награди со 350 илјади евра, за 3.место наградата е 400 илјади евра, а евентуалниот пласман во баражот за Светското првенство ќе им донесе 500 илјади евра. Репрезентативците и стручниот штаб во А селекцијата се согласни дека не треба да следуваат премии доколку пласманот во квалификациската група е под четвртото место. Фудбалската федерација на Македонија ќе им подели половина од наградата на ФИФА за пласман на Светскиот шампионат во Русија.
 
Македонија на 5 септември против Албанија во Скадар го отвора новиот квалификациски циклус за пласман на Светското првенство 2018 година.