Македонија
29. May 2020 - 16:41

ФФМ форсира старт на тренинзите без препорака од здравствените власти

Ниту законот, ниту мерките на Владата ниту пак корона вирусот. Ништо не може да му застане на патот на првиот човек на ФФМ, Мухамед Сејдини во намерата на своите фаворити да им обезбеди настап во Европа и опстанок во првата македонска фудбалска лига.
Во екот на корона кризата, ФФМ на Сејдини им испрати известување во кое им вели веднаш да започнат со групни тренинзи иако за тоа ниту ФФМ има усвоен протокол ниту пак Комисијата за заразни болести дала зелено светло дека е безбедно да се игра фудбал.
Дека е така покажува и само известување кое го добиле клубовите во кое јасно стои дека финалната верзија на планот за продолжување на тренажниот процес ќе биде усвоен идната недела, што го отвора прашањето, како може фудбалерите да почнат да тренираат денеска врз основа на план кој ќе биде усвоен идната недела.
Она што е уште поскандалозно е фактот што федерацијата ги манипулира клубовите, ставајќи ги фудбалерите во здравствен ризик само за да им излезе во пресрет на интересите на Сејдини. Имено, ФФМ тврди дека има позитивен заклучок од Комисијата за заразни болести дека тренинзите може да почнат, што е класична манипулација особено ако се има предвид дека докторот Исијановски кој и самиот е член на оваа комисија вчера во дебатна емисија јасно потенцираше дека не верува дека оваа сезона во Македонија ќе се игра фудбал.
Ако Исијановски како член на оваа комисија вели дека не верува дека во Македонија фудбалот ќе се врати на терените, останува нејасно, како може ФФМ да има добиено позитивен заклучок за да почнат тренизнизите. Ваквото однесување на раководството на федерацијата покрај тоа што го става во ризик здравјето на фудбалерите клубовите ги става во опасност да се соочат и со кривични пријави за непочитување на мерките за заштита и ширење на вирусот согласно членовите 205 и 206 од кривичниот законик.
Останува нејасно, како може ФФМ да си дозволи да ги форсира клубовите да тренинраат и покрај јасната забрана, особено ако се има предвид дека два ипол месеци целиот бизнис во Македонија чекаше да добие зелено светло за да може да почне со работа. Фудбалските работници се прашуваат, што ќе се случеше ако на ист начин како ФФМ и угостителските објекти отвореа пред Владата за тоа да изготви протокол.
И додека Македонија брои жртви од корона вирусот, дел од клубовите веќе почнаа со тренажен процес и покрај фактот што за тоа, нема позитивна одлука.
Во оние држави каде што има сериозна фудбалска федерација како на пример во Австрија, предвремениот старт со тренинзи, тамошниот лидер клубот ЛАСК го плати со титулата. Откако медиумите објавија дека овој клуб почнал да тренира групно пред тоа да биде дозволено, австриската фудбалска федерација ,го казни со 75.000 евра и му одзема 6 бода, што го стави зад ривалот, клубот на Салзбург кој по овој чекор на ривалот изби на лидерската позиција.